Тематскиот фокус на СПВ 2023 е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Годинашниот кураторски избор на фестивалската тема се потпира врз комплексните и многустрани истражувања, критики и изведби во рамките на феминистичката и квир-уметност, теорија и култура што ги преиспитуваат, проблематизираат и преосмислуваат хетеронормативните, националистичките, капиталистичките и расните претпоставки и политики на времето, историјата и архивот, како во колективните, така и во индивидуалните нормативни претпоставки за времето, историјата, меморијата и развојот.

Посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, како и нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, од една страна, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето, од друга страна.

Дополнително со оваа тема целиме критички да ги истражиме дисциплинираните и регулаторните механизми што темпоралноста
ја мобилизираат како клучна технологија и вектор на моќта
во репродукцијата на хетеронормативноста, капитализмот и расистичкото/колонијалното насилство, впишувајќи се како втора природа во индивидуалните и групните телесни искуства, додека истовремено ги разликуваат и ги хиерархизираат прогресивните наспроти назадните и примитивните тела и субјективитети, односно нормалните временски форми на развој на личноста од заостанатите и сексуално „регресивни“ форми на живот и сексуалност.

Проблемите што ќе ги адресира годинашното фестивалско издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Почнувајќи од „таткото“ на современата квир-теорија, Мишел Фуко, и неговите генеалошки истражувања на историјата на сексуалноста, деконструкцијата и анализата на односите на моќ во конструирањето на различните, навидум, стабилни и трансисториски објекти и феномени, вклучително и родот и сексуалноста, стануваат возбудлив предмет за квир-теоријата, уметноста и културата и можност за политичка критика и активизам, како и замислување на поинакви иднини и мобилизација на утописки желби отаде затворот на нормативната сегашност. Од друга страна, истражувањата на Фуко поврзани со дисциплината и регулацијата на телата во модерните и современите општества ги внесоа ритамот, темпоралноста, временската динамика и биополитичката регулација на репродукцијата како клучни проблеми за критика низ квир-оптиката, отворајќи ги интерсекционалните иследувања на хетеронормативноста, капитализмот, расизмот и национализмот како исклучиво продуктивни методи во мислењето на временските политики на дисциплина и регулација.

Во оваа насока, феминистичките, квир- и транс-студиите на темпоралноста тврдат дека европското нормативно време е организирано за да поттикне длабоко родова дихотомизирана хетеронормативност и дека жените и сексуалните малцинства често го живеат времето поинаку. Следствено, предмет на критичка анализа се начините на кои државата ги контролира животните траектории на индивидуите и групите со нормативни претпоставки за линеарниот и нужен редоследот на раѓање, школување и работна сила, брак, репродукција, пензионирање, старост и смрт. Или, пак, како секојдневниот живот се дисциплинира со родовата организација на домашното време и работното време. Други истражувачи, пак, го критикуваат моделот на развој што ги поткрепува западните модели на историјата и психата. Анализите на отпорот кон нормативните временски шеми вклучуваат, но не се ограничени на истражување на фројдовското несвесно, длабоките нарушувања на очекуваниот животен век и генерациската логика за време на кризата со сидата, временските модалитети на квир „ноќниот живот“, дисјунктивното пубертетско време на родова транзиција и многу повеќе. Некои од клучните термини од студии за времето во контекст на родот/ сексуалноста ги вклучуваат: „репро-футуризмот“ на Еделман (2004) или идејата дека иднината е организирана од симболот на детето и иднината како репродукциски хоризонт на постојната доминантна хетеро-логика; Роман (2005) со „архивскиот дрег (влечење)“ или концептот на изведба како отелотворена меморија; Лучијано (2007) со „хронобиополитика“ или модел на сексуална организација на животот низ времето; Муњоз (2009) со концептот на „сè уште неприсутното“ или аспиративната утописка квир-желба и хоризонти на иднината; „еротоисториографија“ (Freeman, 2010) или моделот на историско истражување и практика како директно сензуална; и „трансисторичноста“ на трансискуството од минатото, сегашноста
и иднината и за влијанието на империјализмот, расизмот и други структурни нееднаквости на полот.

Конечно, квир-истражувањата на политиките на времето се фокусираат на афективните динамики и социјално-организирани искуства на меланхолија, депресија, тагување, оплакување, абјектност итн., како проживеани искуства што ја одбиваат прогресивната идеја за времето упатено нанапред како капиталистичка хетеро- хроно-нормативност на продуктивноста и со назадното свртување кон минатото ги меморираат историите на насилство, колективните искуства на загуба на маргиналните заедници, но истовремено и ги преработуваат, преозначуваат и превреднуваат проживеаните минати искуства на повреда и срам.

Афективното свртување наназад, всушност, кај квир-луѓето претставува и сензуално, желбено и копнежливо трагање, копање
и замислување на својата историја и линиите на припадност низ урнатините на грандиозните национални истории. Преку блесоците, трагите и ефемериите на животите во сенка и забранетите искуства на рабовите на историјата. Како што тврди Елизабет Фриман (2005), квир-луѓето „преживуваат преку способноста да пронајдат и да зграпчат релации на задоволства помеѓу телата. И тоа го правиме низ времето“ и преку историјата.

Славчо Димитров, куратор на фестивалот