Со носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект, и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме различни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените, како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста, отаде идентитетската препознатливост.

Годинашната фестивалска тема произлегува од погледот кон историјата на квир (настраните) животи како историја на солзи. Квир историјата е историја на загуби. Историја на срам, исклучување, хомофобија, трасфобија, оплакувања, страдање, болка, депресија, меланхолија, страв и загуба. Сето ова е впишано во името – настрани (queer). Она што е означено кога реферираме на историјата на загуба е телесната изложеност и лишувањето од она што претставува најсвојствен извор на бивствувањето – релациите. Историјата на загуба е и поништувањето, бришењето и прекинувањето на квир релациите од историографијата.  Загубата е загуба на еднаквиот пристап до релации со и на сопственото тело, на телото со светот што го споделува и чијшто дел е, на телото со целиот спектар на културни означители, комодитети и производи на човековиот труд. Загубата е загуба на можностите за изненадувачко изложување и влегување во релации и учество во споделениот и заеднички свет. Она што овие загуби го изложуваат е нееднаквата експлоатација и насилството врз телесната изложеност, што е конститутивна за сите нас еднакво, односно како врз нечија телесна отвореност е впишана средината во која живее. Идентитетот е, одовде, ретроспективна рекуперација на телесните и психички штети и можности што ја рефлектираат цената на општествената исклученост или, пак, вклученост, знак на неуспешните и остварени релации смрзнати во рамките на препознатливоста. Следствено, и квир идентитетот не го гледаме како израз на вистинско сепство и суштина, туку како слика на релациските траги, генеалогија на контакти, средби, допири и граничења со другите тела и како отворена можност за нови и идни средби и настанувања.

Одовде, настраноста го означува и превртувањето на условите на страдање и срам, гордото превредување на негативните атрибути и искуства во дискурсите и практиките на хомофобија и насилство, како и политичкото преземање на истите дискурзивни оружја за целите на отпор, борба и радикално преозначување и одново превоспоставување на нормативните хоризонти. Структурната позиција на настраните во постојната организација на знаење и моќ ги лишува од привилегираните модели на релациските системи и ги принудува настраните да наоѓаат и да создаваат нови начини на средби, формирање врски, интензивирање на телесни зони што вклучуваат изненадувачки пробиви на задоволства, организирање средби што не се стерилизирани од хетеропатријархалните релации на моќ и улогите и моделите на конвенционалните хетеронормативни и родови релации.

Токму овие историски, општествено и политички условени искуства на настраните сакаме да ги тематизираме и да ги изнесеме како извори за откривање на нови политички инвентари и форми на субјективитет и грижа, наспроти натпреварувачкиот, приватизирачки и претприемачки дух и субјективитет на неолибералниот маскулинистички капитализам и опустошувањето на социјалните инфраструктури на поддршка и заемна грижа.

НАШИТЕ РАНИ СВЕТКААТ ГЛАМУРОЗНО, КАКО АТМОСФЕРА НА ДРЕГ ШОУ, КАКО ПРАЗНЕЊЕ НА ЕЛЕКТРИЦИТЕТ ВО ДОПИРОТ НА (НАВИДУМ) НЕПРЕМОСТЛИВИ ДИСТАНЦИ, КАКО МОЛЊИ НА ОТПОРОТ!