Претставата е психолошка драма која се базира на мотивите од драмата „Магбет“ на Вилијам Шекспир. Таа се фокусира на внатрешната дилема на Лејди Магбет по извршеното злосторство, кога бремето на вината станува неподносливо и таа постепено почнува да го губи разумот. Во нејзината свест непрестајно одекнуваат гласови на испревртени мисли, а пред неа се појавуваат духови и сеништето на смртта. Неспособна да ги замолчи тие гласови и да најде мир, таа целосно тоне во лудило, соочувајќи се со сопствениот суд и пронаоѓајќи го конечното спокојство во прегратките на смртта.