По либрето на Русомир Богдановски, музика на Влатко Стефановски, костим на Благој Мицевски и сцена на Валентин Светозарев, кореографката и режисерката Рисима Рисимкин, која во последниве неколку години се јавува како промотор на авангардните правци и, секако, една од најпродуктивните млади авторки кај нас, уште еднаш се потврди и покажа смисла и чувство за комплетно осмислен перформанс.
На големата сцена на МНТ, претставата се чини дека доби една посебна димензија, во која уште повеќе дојде до израз автентичноста и оригиналноста на кореографската концепција на авторката.
Во овој случај, за разлика од претходните проекти на Рисима Рисимкин, на пример „Вакуум“ и „Свадба (мисли и слики)“, кои може да се сместат во рамките на балетскиот театар, во „Дабовата шума“ се чувствува едно ослободување од некои рамки и форми во функција на експресивноста и, овој пат, контролираната емоционалност, со што се постигнува посуптилно третирање на некои, во основа, универзални идеи и нивна интелектуална разработка.
Особен квалитет на претставата е тоа што овозможува различни гледишта и доживувања и што дава основа за контемплативно внесување на гледачите врз основа на дејствието: Дабовата шума како метафора и алегорија на душевното, ликовите како персонификација на виталните психолошки функции, словенската митологија како идеја за корените, како кревко колективно наследство, гигантската борба да се владее, да се поседува Желадот од шумата како симбол на зачеток и како симбол на иднината.