„ХРАБРИОТ НОВ СВЕТ“ е насловот на најновата балетска премиера која кон крајот на минатиот месец беше изведена на сцената на Театарот „Центар“ при МНТ. Кореографијата и режијата се на Гордана Деан-Попхристова, во соработка со Тамара Анастасова. Либретото, чиј потписник е Гордана Деан-Попхристова, е работено според истоименото дело на Олдус Хаксли и претставува експликација на едно утописко „среќно“ општество во технолошки совршена цивилизација.
Со својата творечка енергија и еманација на духот, Поп-Христова и Анастасова ваквата литерарна подлога и комплексно ткиво, преку движењето и танцовата лексика на модерниот балет, го преточуваат во интересно балетско дело. Автентично кодираната лексика, карактеристична по својата структура, е резултат на повеќегодишно истражување и пронаоѓање на сопствен израз. Танцот кулминира во извонредната компатибилност со современата техно и алтернативна музика, за чиј избор се погрижил Мирко Попов. Музиката е во функција на бараното и кажаното, или поточно, во функција на целиот процес на создавање и функционирање на креативниот чин.
Во режиска смисла, Гордана Деан-Попхристова претставата ја дели на два света кои егзистираат паралелно. Од една страна, постои една аморфна маса која се преобразува во суштества без личен идентитет, со духовно исцедена животна сила, ослободени од сопствениот внатрешен глас и раководени од диригентската палка на „Управувачот“. Другиот свет е гетоизиран во оазата на малкуте преостанати луѓе – со протеини, калциум и други органски материи, со инстинкти на луѓе исполнети со душа, луѓе љубопитни за сè околу нив.
Љубопитноста, преку Џон Дивјакот, ги води во допир со таа аморфна маса која ја гуши нивната индивидуалност. Во мошне остри фрагменти се појавува и оној третиот – „Управувачот“. Делото, со сите свои знаковности и нивната функција, преку асоцијативните блесоци на кореографско-режиските решенија, на кои им недостасуваше посилна драматуршка структура, по логика и сензибилитет пулсираше повеќе како кореографски отколку како театарски чин, со што претставата во целост не ја губи својата вредност.
Дванаесетте балетски уметници, со широкиот танчерски дијапазон и разновидноста во изразот, беа импресивни со својата енергија и ентузијазам. Особено треба да се истакне силниот индивидуализам на Тања Пастаницки, Лиле Миленковска, Тамара Анастасова, Александра Пендаровска и Ирена Лозинска.
Ликовните елементи – осмислениот и функционален сценски простор, необично интересните костими на Александар Ношпал, поткрепени со светлосните ефекти – ѝ даваа мошне интересна визуелност на претставата, која на почетокот и на самиот крај беше нарушена од прегустиот вештачки создаден дим.