Необичен е патот на создавањето на „Македонска повест“ како балетска претстава: на почетокот, овој пат не беше зборот, туку музиката! Технолошки гледано, се работи за обратен каузалитет. Филозофски гледано, се работи за постулатот на Ниче во врска со античката трагедија: трагедијата е видлива музика.
Поаѓајќи од овој принцип, се сложив на обратна постапка: да напишам либрето по инспирација од прекрасната музика на Смокварски. Да се напише либрето за една македонска повест истовремено е и многу лесно и многу тешко, затоа што од сите повести најтрагична е нашата, затоа што моторот на нашата трагедија сè уште е еминентно во погон, а работи со помош на синдромот на самоуништувањето.
Создадовме претстава како нацрт на нашите желби да се вклучиме во Европа: нашиот мелос и нашиот ритам, транскрибирани исклучително креативно од страна на композиторот, ги кренавме на – шпиц!
- Љубиша Георгиевски