Великанот на музичката уметност, германскиот композитор Јохан Себастијан Бах (1685–1750), е еден од најзначајните творци што човештвото воопшто ги дало. Неговиот опус е грандиозен не само по обем, туку и по естетските вредности. Длабоко хумана и благородна е личноста на Бах, неисцрпна е неговата енергија и инвентивност, обележена со моќен индивидуалитет и ненаметлива самосвест.
Бах компонирал световна и духовна музика. Создал дела за соло инструменти, токати, фуги, прелудиуми, концерти за соло инструменти и оркестар, оркестарски суити, увертири, „Бранденбуршки концерти“ (6), како и музика за најразлични инструментални и вокални жанрови. Од вокално-инструменталните дела на Бах ќе ја споменеме бесмртната кантата „Matthäuspassion“ („Страдањата по Матеј“). Со нејзината изведба, под диригентството на Феликс Менделсон во 1829 година, започнува „Баховата ренесанса“, која трае сè до наши дни.
И покрај тоа што Бах во своите дела ползувал стари и нему современи танцови форми, сепак не компонирал музика за опера и балет. Но бројни кореографи од XX век наоѓаат аналогија помеѓу танцовата структура и структурата на Баховата музика. Преку своите сопствени изразни уметнички средства, во вид на визуелна перцепција, тие ја пренесуваат до гледачот, со што му овозможуваат да ја слуша и воедно „гледа“ музиката на Бах, понесен од силен емоционален набој.
Таква визуелизација на дел од „Увертирата“, бр. 3, во D-dur („Арија“) и „Бранденбуршкиот концерт“, бр. 3, во G-dur (Allegro, Adagio, Allegro), за прв пат кај нас ни овозможува кореографот Екрем Хусеин. Тој го идентификува својот буен балетски темперамент со Бах, понесен од неговата музика, и со филигрански истенчена и жива кореографска фантазија нè пренесува во светот на Баховата „Божествена симфонија“ (како инаку да ја наречеме неговата музика?).
И покрај тоа што музиката, играта, костимите и декорот нè пренесуваат во времето на барокот, пред нас, чиниш, се прикажува Ботичелиевата „Примавера“ („Пролет“), како полетна и спиритуелна „симфонија на младоста“.
Учеството на балетските мајстори Зоица Пуровска и Зоран Велевски во балетот „Големиот Бах“ претставува најава за одбележување на 20-годишниот уметнички јубилеј во нивната успешна балетска кариера.