Игор Киров е роден во Штип на 21 февруари 1976 година.

Своето балетско образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а потоа го продолжува на престижната Академија за модерен танц во Ротердам, Холандија (Rotterdam Dance Academy). Магистерските студии ги завршува на Институтот за уметничка игра во Белград, Србија.

Како танчер настапувал во бројни европски танцови компании, соработувајќи со истакнати кореографи како Ицик Галили, Тон Симонс, Бил Т. Џонс, Стивен Петронио, Јакопо Годани, Ед Вубе, Карлос Матос, Меи Хонг Ли и други.

Својот кореографски опус го започнува уште како активен танчер, додека работи во различни танцови компании. Оттогаш, Киров работел како кореограф за многу национални балетски куќи и театри низ светот, меѓу кои: Македонската опера и балет, Хрватското народно казалиште во Сплит и Риека, националните театри во Германија (Олденбург, Мајнц, Дармштад, Дрезден и Штутгарт), Операта во Грац и Државниот театар во Клагенфурт (Австрија), Градскиот театар во Сент Гален (Швајцарија), Операта во Бордо (Франција), Orlando Ballet во Орландо (САД), Masdanza на Канарските Острови, Equilibrio Dinamico во Бари (Италија), MÜPA Театарот во Будимпешта (Унгарија), како и на SIDance Festival во Сеул, Јужна Кореја.

Во 2007 година ја основа сопствената танцова трупа The Kirov Dance Company, со која има освоено бројни награди и признанија.

Заедно со Мојца Мајцен го основа Balkan Dance Project, иницијатива чија цел е поврзување и поддршка на млади и талентирани танчери и кореографи од регионот.

Како визитинг-професор предавал на академиите во Минхен, Скопје, Белград и Токио.

Во периодот од 2015 до 2020 година, Игор Киров беше уметнички директор на балетот при Хрватското народно казалиште во Сплит.