Тони Китановски (Скопје , 1964) — македонски џез-гитарист и композитор.
Китановски е композитор и гитарист. Од крајот на 1970-тите години и во дел од 1980-тите, негов музички ментор бил Драган Ѓаконовски - Шпато. Од 1986 до 1990 година го водел триото „Шпато“ со кое одржал бројни концерти. Од 1990 до 1997 година престојувал во САД, каде што студирал. Дипломирал композиција на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, а паралелно компонирал за оркестарот на Херб Помероу и за биг-бендот на Грег Хопкинс.
Во 1997 година се вратил во Македонија и во Скопје го формирал составот „Луна“, а подоцна и своето трио. Повторно соработувал со голем број реномирани светски музичари, меѓу кои се и Грег Хопкинс, Чарли Мариано и Мет Дариау. Во 1998 година, за продукцијата на „Скопскиот џез фестивал“ го објавил својот прв албум „One For Charlie“), а една година подоцна, со своето трио, го промовирал албумот во рамките на кумановскиот „Летен џез фестивал“.
На двојното цеде од фестивалот (Летен џез фестивал - Куманово, 26-29 август 1999) се нашле две композиции на Триото на Тони Китановски: „One for Charlie“ и „Lonely Woman“, меѓутоа, поради техничките недостатоци од живиот настап, на дисковите биле ставени снимките од студискиот албум. Во рамките на „Скопскиот џез фестивал“, во октомври 2000 година, Тони Китановски настапил во дует со македонскиот музички егзибиционист и вибрафонист Зоран Маџиров. Материјалот од овој настап, насловен како „Дует“, бил објавен во 2001 година, од страна на „Скопскиот џез фестивал“.