Млада девојка, уметник, тргнува во потрага за инспирација, сака да отвори нова врата во нејзиниот живот. Тргнува на пат, наоѓа нов град, нов стан, запознава нови пријатели. Во ходниците на зградата таа се запознава со соседите кои живеат до неа. Тоа се тројцата весели соседи, пејачка и студенти, кои живеат до неа. Еден ден таа го запознава и мажот кој живее во другиот стан до неа. Тој е човек незадоволен од својот живот и од својата сопруга. Поради таа причина, тој често останува на работа, не сакајќи да се врати дома. Неговата сопруга, пак, е жена која времето го троши на шопинг, барајќи нови чевли, нов мебел... не гледајќи ги вистинските вредности. Тука е и сопственичката на зградата, која навидум изгледа дека ја интересира само наемнината, но таа е жена со тајна во себе. Веселите соседи решаваат да направат забава на која ќе ги поканат сите соседи, сопственичката и новата подстанарка. Забавата се подготвува на терасата на сопственичката. Сите ја прифаќаат понудата, освен сопругот; тој не сака да се забавува. Но, во еден момент решава да ѝ се придружи на забавата. Забавата ќе ја прекине силен дожд и сите ќе се скријат во своите домови, а младата девојка ќе остане да ужива на дождот. Мажот ќе ја здогледа и ќе сака да ја заштити од дождот. Во тој момент, нивниот допир ќе предизвика силен љубовен импулс. Сведок на оваа забранета љубов е сопственичката, а оваа ситуација ќе ја врати во минатото и ќе ја потсети на песните кои ги напишала за својата неостварена љубов. Љубовната игра ќе ја прекине сопругата, која се појавува на вратата од терасата. Сопственичката ќе проба да ја заштити девојката и ќе ја внесе во станот кај соседите. Сопругата разбеснето се бори за својот сопруг. Тој ја оттурнува, а нејзиното лудило расте. Девојката е занесена во љубовта, мажот се растргнува помеѓу двете жени, а животот во соседството се претвора во лош сон. Одеднаш, целото соседство почнува да ја осудува девојката, создавајќи ѝ огромен притисок. Тогаш, сопственичката решава да стави клуч на оваа приказна, прави ред, мир и спокојство во соседството.