Инспирација за претставата е големата американска балерина Исидора Данкан, која живее на почетокот на 20 век. Дејството се случува со доаѓањето на Исидора во Москва и нејзината средба со големиот руски поет Сергеј Есенин. Тој ѝ се восхитува на Исидора и неговото додворување буди страст кај неа. Нивната врска завршува со брак, а нивното заедништво е поддржано од физичката привлечност, неконвенционалноста со која ја манифестираат својата уметност и идеите за еднаквост на сите луѓе (комунизмот). Тие воопшто не се тивки општествени битија, туку бучни ѕверки чии дела секогаш, без исклучок, креваат голем прав. Поради тоа, нивниот живот е под постојана присмотра од очите на јавноста. Есениновата поетска генијалност влегува во сенката на рамнодушноста и неговата склоност кон алкохолот. Поради ниската етика, паѓа во прегратките на други жени, во мрежа од скандали испреплетена од јавноста. Исидора води битка и со него и со општеството. Почнува да се прашува: „Што барам тука?“, „Која сум јас?“, „Уметност или љубов?“. Веќе не сака да се арчи себеси во оваа јалова земја и решава да замине и да го напушти Есенин. Искусува олеснување, а наспроти неа, тој останува сам во друштво со алкохолот. Не му преостанува ништо друго освен да се пијанчи и, по долго трагање, ја добива сликата на „Црниот човек“, и тука е неговиот крај.