За либрето, Градишки го зема биографскиот опус на неповторливото дело и живот на генијалниот В. А. Моцарт, кое го разработува во повеќе слики и режиски го осмислува до крај. Изборот од делата на прекрасната Моцартова музика ѝ овозможува да создаде многу допадлива кореографија, којашто, всушност, е комбинација и стилизација на историскиот танец и модерни елементи што припаѓаат на неокласичниот балет. Со една ваква суптилно модерна кореографија, исполнета со пластика и сензибилност, таа ги обликува кореографските нумери во делото. Ликовите ги облекува во прекрасните стилски и модерни костими на веќе потврдената Елена Дончева и, на тој начин, успева епохата рококо да ја пренесе во дваесеттиот век, со што сказната за животот и делото на големиот класик и реалист мошне лесно допира до нас.