Новата постановка на кореографот Ирена Лозинска внесува значителни промени во презентирањето на овој балет. Покрај музиката на Л. Делиб, вметната е и музика на англиската група „The Residents“, со што се врши своевидно осовременување како на кореографијата, така и на либретото, со соодветно дополнување и разработка на основниот мотив – оживување на автоматска кукла. Кон оригиналната кореографија на И. Лозинска, во неокласичен и современ стил, приклучени се и нови ликови – ликот на Фани Фантазијата, која како фиктивна другарка на Сванилда се провлекува како визија на Копелиус, потоа се материјализира како автоматската кукла Копелија, еротски сон на Франц, за на крајот да „оживее“ како Пигмалионовата Галатеја во рацете на Копелиус, во некое идно време. Доработката на основната идеја се состои, од една страна, во истакнување на желбата да се оживее робот-кукла, а од друга, да се прикаже автоматизацијата на живите луѓе, што е сè поприсутно, како во литературата, така и во реалниот живот на нашето совремие.
Дејствието се состои од пет слики и се одвива во минато, сегашно и идно време. Целиот балет е згуснат во 40 минути, што значително ја усложнува работата на кореографот, сценографот, сценаристот и режисерот, како на стручен, така и на уметнички план. Но, благодарение на залагањето и соработката на целиот тим, новата „Копелија“ го доби своето конечно оформување.