Дејствието на овој кореоесеј е ставено во еден реален простор, во кој предметите имаат повеќезначна вредност – сценографија, реквизити, симболи и метафори со кои, пак, Гордана Деан гради игра на еден дијалогизиран начин. Движењата се претвораат во симболи, симболите во метафори кои водат кон основното прашање – самоосознавањето и препознавањето на вистинските вредности со кои и во кои единствено опстојува човекот со сета своја недореченост.
Во кореографска смисла, Гордана Деан прави истражување во однос на движењето и пронаоѓа вокабулар со кој импресивно ги визуализира емотивните состојби на свесното во ликот на жената и Битието – несвесното, преку извонредната и експресивната интерпретација на Тамара Анастасова.