„Мансарда“ е актуелна претстава, за денешницата, за она што ни се случува на нашиов простор. Во центарот на претставата е едно семејство кое постојано го менува местото на живеење, постојано од некаде заминува, но без конкретна нагласка дали го напушта својот град или, пак, се подготвува да дојде во него. Всушност, ваквата концепција е поврзана со една интересна идеја – од Македонија досега секогаш само се заминувало, а со сегашнава актуелна политичка состојба, за првпат некој бега овде, во Македонија. Сето ова се игра на музика, многу интимна, со фолк и рок примеси, во сценографија претежно базирана на светлосни ефекти и во интересно смислени костими.
– Александар Хаџиманов