Доаѓам во конфликт со самиот себе кај обидот со пишан збор да го изразам она нешто што би можело да се нарече „либрето“. Она што може да се каже како танц, сосема е поинаку од она што сакаме да го кажеме со зборови. Танцот отсекогаш ми се чинеше дека е близок до вајарството и сликарството, што не значи дека поезијата и литературата не можат да се изразат со танц. Во тие процеси тежнееме кон нешто друго, а не кон раскажување на литературни дела, оти во таков случај анимацијата е за тоа другото.

Според тоа, „Пинк Флојд“ нема либрето. Кога се одлучивме да направиме „балет“ на музика на „Пинк Флојд“, ми беше јасно дека кон таа работа ќе можам да пристапам единствено од аспектот на генерацијата од 1968 година, т.е. како јас ги доживеав тие години во Хајделберг – тоа би значело потрага по сеќавањата.

За моите први сознанија за „Пинк Флојд“ можам да им заблагодарам на моите синови. Додека во својата работна соба јас се занимавав со „сериозна“ модерна музика, тие во своите „одаи“ го слушаа „Пинк Флојд“. Нешто од сето тоа доаѓаше и до моите уши, а понекогаш тие се обидуваа да ми поттурнат во мојата кола по некоја касета, пропратена со цедулка на која беше напишано: „Татко, тоа можеби ќе те доведе до некои други мисли.“

Слушајќи, размислував за таа генерација која не ја сфаќав, за нивната музика, која тогаш не ја признавав за музика, за нивните погледи на светот и дружења. Размислував за своите два сина, кои често одеа на маратонски ноќни концерти со вреќи за спиење.

Во тој процес дојдов до сознание, сфатив дека тоа е генерација која сака да се оттргне од естаблишментот, генерација која се чувствува изгубена во емотивно, а не потрошувачко општество, и, барајќи излез, создавала своја сопствена музичка култура. И не само тоа – еден сопствен поглед на светот, поглед на филозофијата (мислам дека од добар дел од таа генерација подоцна настана движењето на зелените).

Ми станаа блиски, иако не бев во состојба потполно да се ангажирам. Добив впечаток дека сликата на таа околина во нивните очи била гротескна, но не повеќе отколку што тоа било во стварноста.

Тие сеќавања беа основа за сопственото трагање во реализацијата на оваа претстава. Првиот избор од дванаесет плочи беше огромен; го намалував по системот на редукција, при што се обидував да оставам хронолошки редослед, и дојдов до форма за која сметав дека, во дадениот момент и околности, овозможува претстава. Конечниот избор, кој настана во текот на работата, го условуваа сцената и карактерот, кои одеднаш почнаа сами од себе да се дефинираат.

– Драгутин Болдин