Биљана Тануровска-Ќулавковски е менаџер на уметност и култура и куратор. Во 2003 година таа го ко-основа  ЗГ. „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи за уметност и култура, каде што работи како извршен директор до денес. Таа е коосновач на „Номад танц академија“ (НДА), самоорганизирана модел/платформа на регионална соработка во полето на современиот танц. Со „Локомотива“ го ко-основа  „Кино Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура /www.kinokultura.org.mk/ како и Јадро-здружение на независна културна сцена. Таа иницира, курира, раководи и кораководи со разни проекти и програми, меѓу кои и „Локомоушн“ – фестивал за современа уметност и перформанс во Скопје (2008-2015), „Модели на јавни простори во културата“, „Културни простори за активни граѓани“ и др., а нејзини последни кураторски проекти се „Уметност, политика, институција, тело“ и „Што е кореографија“. Работи како консултант за Европската фондација за култура и Европската комисија. Автор е на текстови, коуредувани списанија, публикации и книги. Таа предава на теми од полето на културна политика, управување со културата, теорија на институции во култура и уметност и курирање во полето на современите изведувачки уметности. Од 2011 година е надворешен предавач на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала историја на уметност и археологија, магистер е на науки по интеркултурализам, културен менаџмент и културна политика на Универзитетот за уметности во Белград, а докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград.