Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата е основана во 2003 година во Скопје како платформа за едукација, промислување, продукција, курирање и истражување за современи уметности и култура. Локомотива развива и спроведува разновидни културни и уметнички проекти, во различни медиуми и формати и континуирано работи на развивање на капацитетите и условите за работа на уметниците и културните работници, со фокус на современите изведувачки уметности. Сепак, Локомотива ја разбира културата како проширено поле, ко-поврзано со општеството, а уметноста како експериментална комуникација и пост-дисциплинарно поле каде формите на изразување, продукција и дисеминација се прошируваат. Организацијата е ко-основач на различни иницијативи, здруженија и мрежи, меѓу кои ЈАДРО- Здружение на независната културна сцена во Македонија, Номад Танц Академија, регионална мрежа, која активно работи на развој на современ танц и перформанс во регионот и Кино Култура – проектен простор за современа уметност и култура (2015-2020) кој беше посветен на овозможување услови за работа за независните современи изведувачки уметности во земјата.