Ова е втор авторски проект на Ивана Коцевска. Првиот „Тест за гравитација“, беше изведен во рамките на манифестацијата „Вечер на современ танц – претставување на млади кореографи“ во организација на Локомотива (центар за нови иницијативи во уметноста и културата) во мај 2007 г. на сцената на МНТ во Скопје.
Преку ова дело Коцевска продолжува со своето истражување кое е кинестетичко, поврзано со утилитарната страна на кинестетиката, онаа во секојдневниот живот. Го истражува и потенцира она што движењата го прикажуваат – рефлексија на умот, на мислата, состојбата во која човекот се наоѓа. Идејата е од една страна да се прикаже дека движењето е дел од животот на индивидуата, во секојдневието и е негова иманентна состојба, а со тоа и танцот како уметност на движењето.
„Моето тело е медиум, ги проектира емоциите и состојбите низ кои поминува мојот ум. Инспирирана од кинестетичкото движење во моето секојдневие, набљудувајќи се себеси и луѓето околу мене и тоа што неуспешно се справуваме со конфликтите во себе и вешто се обидуваме да ги прикриеме, камуфлираме сопствените недостатоци, ме наведе да размислувам и да направам истражување како функционираат нашето тело и ум.“
Преку кинестетичка манифестација прикажан е односот помеѓу две тела (маж и жена), конфликтите и комплексите кои ги носат во себе, во заеднички простор…