Кога го започнав пишувањето на суитата „Возови“, пред себе ја имав 1985 година, 300 години од раѓањето на великанот Ј. С. Бах и Европската година на музиката. Набргу, музичкиот материјал ми наложи во суитата да вклучам некои делови (пасакалија, фуга, канон), кои не се типични за формалната конструкција на Баховите суити, односно да изоставам некои (курантата), кои не одговараа на внатрешната динамика на целата композиција.

Така, Бах и барокната суита беа искри на поттик и инспирација за да се покрене творечкиот процес. Се разбира, требаше да се најде постапка за означувањето на првобитната идеја. Така се родија: специфичната моторика на токатата, шематичноста на канонот, јазичните карактеристики на алемандата, сарабандата, жигата, сублимирани од интервалските и хармонските движења во Баховото творештво, формалната конструкција на фугата, пасакалијата, системот на дублови кај игрите итн.

Иако синтисајзерот и 24-каналната техника на снимање ми овозможуваа продори во некои нови и непредвидливи простори, остануваше прашањето за живата изведба. Нејзината неостварливост доведе до еден друг квалитет – визуелизацијата на готовата музика.

Уште од детството, железничката станица беше простор кој ме маѓепсуваше. Таа беше поврзана со возбудувањата од новите откритија и средби; таа беше раскрсница на многу лични судбини; нејзината непроменливост, цврстина и вонвременост постојано беа во судир со безбројните настани кои протекуваа и се забрзуваа со возовите што доаѓаа и одеа.

Моториката на токатата беше првата асоцијација на оваа идеја. Потоа веќе не беше тешко на секој дел од суитата да му се создаде една содржина, еден настан, една судбина.

– Димитрије Бужаровски