Дејан Битровски е современ уметник, танчар и кореограф, чијашто заднина е хип-хоп и урбаните танцови стилови. Завршува специјализација за современ танц на „Скопје танцовата академија“. Во 2021/2022 година запишува двегодишни магистерски студии, Master of Arts of Contemporary Dance Education, за танцов педагог, на Филмската академија при Универзитетот \"Гоце Делчев\" Штип. Студиите ги завршува со просечна оценка 10,00 и добива стручен назив: Магистер за современ танц – Методика и педагогија на современ танц. Тој е дел од „Скопје танцовиот театар“ од 2014 година, сè до денес. Учествува во продукцијата на театарот како танчар и кореограф. Исто така, веќе неколку години работи на Катедрата за современ танц на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип. Своето кореографско деби го има со делото „Јас и ние“ во 2017 година, кое го создава со танчари oд „Скопје танцовиот театар“. На „Танц Фест Скопје“ во 2019 година, тој го презентира делото наречено „Луцидниот Јос“, во продукција и со танчари на „Скопје танцовиот театар“. Во почетокот на сезоната 2019/2020 година, Битровски ја создава соло-кореографијата, работена и креирана за современта танчарка на „Скопеј танцовиот театар“, Анастасија Данчевска, наречена „Контура“, отсликувајќи ги сопствените размисли за жената во модерниот свет. Во следните две години, тој создава и неколку дела во продукција на „Скопје танцовиот театар“, претставени на „Танц Фест Скопје“ во 2020 г. и во 2021 година. „GodSpeed“ и „Devils Hole“ се создадени врз база на социјалните перцепции на кореографот во однос на општеството за време на светската пандемија предизвикана од КОВИД-19.
Во процесот на инспирацијата и размислувањата за животот во родниот град Скопје помеѓу две години од пандемијата, Битровски изразува револт за тоа колку малку се променија луѓето и нивната општествена одговорност, а животот и многу други работи околу нас се целосно различни. Тој користи и кратки креативни филмови од кинематограферот Владислав Гавриловски, претставувајќи го Скопје од една друга перспектива. Музиката за овие дела ја напишаа Тони Китановски и Виктор Филиповски. „Блокови” е мултимедијална танцова претстава, во продукција на „Скопје танцовиот театар“, во којашто авторот наоѓа инспирација од стихозбирката „Бели мугри“ на македонскиот поет Кочо Рацин. Во ова дело тој пробува да ја прикаже борбата на човекот и неговата мисла преточена во градење и рушење ѕидови што фигуративно го претставуваат моменталниот ментален склоп на општеството и неговата поделеност. Во кореографскиот текст употребува голем број сатирични моменти и сценски елементи што ја дополнуваат целосната слика на делото. Битровски како кореограф и уметник во оваа фаза од својата творечка кариера се фокусира на општествени претстави. Во следната продукција на „Скопје танцовиот театар“ на Битровски со наслов „Напуштена иднина“, кореографот се фокусира на креација на графичко линеарна претстава, целосно апстрактна но конкретно одредена во кореографската поставеност.
Дејан Битровски со „Скопје танцовиот театар“ настапува во Република Северна Македонија и надвор од државата, во претставите: „СМС (Сите мои слики)“, „Тишина на пчелите“, „Кјароскуро“, „Жива на друго место“, „Најди некој“, „ Азбука “, „Погрешно“, „ДОЛ“, „Котел“, „Истиот извор“, „Скеч“, „Идентитети“, „Блесок и коски“, „Трагедија на тигарската буба“, „Идентитети, „Свет помеѓу“, „Не допирајте ми ги очите“ и работи со многу домашни и странски кореографи, како Рисима Рисимкин, од Република Северна Македонија; Џоан Ван Дер Маст од Холандија; Антонело Тудиско од Италија; Чао Ке од Република Кина; Антон Рудаков од Русија/Германија; Симон Кубан од Чешката Република; Јотам Пелед од Израел и со други кореографи. Заедно со „Скопје танцовиот театар“ тој учествува на повеќе фестивали, како што се: „Отворена сцена“ во Хаг и во Ротердам, Холандија; фестивалот „SHARE“ во Братислава, Словачка; „Silk road festival“ во Чуанжо, Република Кина; „Holland dance festival“ Хаг, Холандија; „Battery dance festival“ во Њујорк, САД и други. Исто така, Битровски е поканет како професор и кореограф на Летниот танцов камп помеѓу Кина - ЦИЕЗ во 2019 година, каде што креира дело заедно со хрватската кореографка Мартина Томиќ под името „Стриминг“.
Дејан Битровски и кореографите Данчевска-Ровчанин и Балабанова, во 2022 година, го основаат колективот за современа уметност „Танец бункер“, и со него го развиваат фестивалот „Танц бункер - платформа 01”. Од 2010 до 2016 година, тој е дел од студиото за урбани танцови стилови „Битрикс“, како еден од водечките кореографи и инструктори.