А, зошто токму „Зодијак“? Во последно време некако во мода се сите тие гранични области на науката. Областа што ги изучува карактерите во зависност од ѕвездите, преточена во музика и игра, ни се виде доволно интересна и атрактивна. Балетот, како специфичен вид сценска уметност, дава големи простори за имагинација и илузија, па идејата на Горан да се поиграме со ѕвездите беше многу оригинална.
Музиката Бодан и јас ја пишувавме целото минато лето, доста студиозно и ангажирано. Знам, те интересира и музичкиот пристап, со оглед на тоа дека балетот има свои законитости и одредени побарувања, а ова е, сепак, наше прво среќавање со таа уметност.
Види, сите уметности имаат многу свои заеднички карактеристики, особено театарските, а јас, ми се чини, тука сепак не сум лаик. Го познавам театарот, сум работел музика за него. Од друга страна, нели ти се чини дека рокот е роден за игра?
Но, во тие осумдесет минути музика има од сè по нешто: фанк, џез, самба... Она што досега го видов на пробите на балетот, ме одушеви.
– Александар Хаџиманов